Некогаш најголемиот талент на Пелистер, повторно е на терените по тешката повреда.

Иве Трифуновски (19) своевремено беше еден од најсјајните таленти кои поминале низ филтрите на фудбалските школи на ФК Пелистер. Награден како најдобар млад играч во 2007-мата според ФФМ, најдобар стрелец на голем меѓународен младински турнир во Бугарија со 7 постигнати гола од кои 3 на Левски Софија, играч кој веднаш беше препознаван од сите тренери како вистински талент. Трифуновски ја претставуваше и Македонија во младинските категории, но, за жал, се случи 13.02.2008 година и една тешка повреда на грбот го оддалечи од терените. Сега, пред околу еден месец Иве се враќа назад на фудбалот.
На двојна регистрација во Пелистер и третолигашот Кравари со уште неколку млади фудбалери од Пелистер како Иванчо Кузмановски и Даниел Станковски, Иве пополека се враќа онаму каде што припаѓа. На дуелот против Мирче Ацев напаѓачот постигна и гол во победата од 4-0 на неговиот тим. Го запрашавме Иве за неговите повторни амбиции: „Се вратив назад на фудбалот, тоа е добро. Почнувам пополека, па здравје. Се надевам се ќе биде во ред со мене, а за понатаму што ќе биде нека биде“. - скромно ни изјави тој. Жикица Тасевски, сегашен тренер на Металург, а тогашен селектор на репрезентацијата за играчи до 19 години за Трифуновски во „Македонски Спорт“ го има изјавено следното: „Напаѓач со „разорно“ дејство, извонредна техника и играње со глава, скочност, што резултира со универзална личност својствена за фудбалер кој е задолжен да дава голови“.
И покрај двете години пауза, Трифуновски воден од силната волја се врати назад на фудбалските терени. Ние му посакуваме многу среќа и повторно искачување на врвот како што беше тоа случај додека играше во младинските категории.